Koлорина е мексиканска теленовела, продуцирана од Valentin Pimstein. Серијата е римејк на истоимената чилеанска новела од 1977, а најнова верзија на истата приказна е новелата "Саломе" со Едит Гонзалес и Гај Екер. Поради експлицитните сцени и содржина, оваа серија се смета за првата која е префрлена во доцен вечерен термин на каналот на Телевиса. И покрај тоа, серијата предизвика големо внимание кај мексиканската публика која гласаше за тоа кој е вистинскиот син на Колорина во серијата.
КОЛОРИНА - COLORINAГодина на прикажувањево Мексико: 1980Епизоди: 105Фернанда е убава девојка која работи како проститутка во еден ноќен мексикански бар, под името Колорина. Една ноќ Колорина и нејзината другарка Рита ќе бидат поканети од еден посетител на кабарето, Иван да дојдат да се забавуваат во неговата куќа за добра сума на пари. Колорина и Рита не знаат дека Иван е само гостин во таа богата куќа. Куќата е на семејството Алмазан, каде живее убавиот Карлос Адолфо со неговата болна сопруга Алба. Алба е добра девојка, која целото време го поминува во кревет, свесна дека му го ускратува правото на сопругот на среќен брачен живот. Алба е всушност сестра на Иван, па тоа го искористува преварантот Иван за да ги викне проституките на забава. Откако Иван нема да им ја плати ветената сума на пари, Колорина и Рита прават скандал во куќата и ги будат газдите. Доаѓаат доња Ана Марија и нејзиниот син Карлос Адолфо кој на прв поглед се вљубува во убавата Колорина. Ана Марија ги брка проституките од куќата и тие се враќаат во кабарето.
Истата ноќ, Ана Марија прави опасен план кој се должи на нејзината опсесија да има внук и наследник на богатството, нешто што нејзината болна снаа не може да и го подари. Следните денови, доња Ана Марија дознава од Иван каде работи Колорина и оди во кабарето. Искористувајќи ја лошата финансиска состојба на Колорина, доња Ана Марија и предлага да му роди син на Карлос Адолфо, а за возврат ќе добие голема сума на пари. Колорина ја прифаќа понудата од богатата дама, па затоа тргнува во акција. Влегува во романтична врска со Карлос Адолфо, сфаќа дека и таа самата се вљубува во богатиот милионер, забременува и Ана Марија решава да ја донесе во вилата додека не се роди детето. Ана Марија сака само да го земе детето од Колорина и да ја избрка проститутката на улица. Во куќата Колорина доживува многу непријатни ситуации и понижувања од доња Ана Марија, а за разлика од неа, милата Алба ја моли Колорина да остане со нејзиниот маж по нејзината смрт и да го направи среќен. Откако ќе го роди детето, Колорина е трогната од мајчинството кое Господ и го нуди и решава во последен момент да остане со синот и да не го исполни ветувањето кон доња Ана Марија и да го предаде синот на богатите милионери. Затоа, Колорина решава да избега многу далеку, во тоа и помагаат двајца пријатели, а семејството Алмазан ја пријавува во полиција обвинувајќи ја дека им го украла внукот. Колорина стравува дека полицијата ќе ја најде и поради тоа решава да ги земе и двете бебиња на пријателот Полидоро, самохран татко и да избега со нив.
Единствена помош Колорина добива од слугинката во куќата на семејството Алмазан која и нуди престој кај една нејзина роднина во гратчето Ермосиљо. Таму Колорина започнува да работи во една фирма под свото вистинско име Фернанда и пред сите се претствавува како мајка на три сина. Во Мексико Сити умира сопругата на Карлос Адолфо, а тој посвојува девојче.
По многу години, Фернанда се враќа во Мексико Сити со своите три сина кои треба да се запишат на факултет, сега е богата и купува голема куќа и отвора ексклузивен бутик. Нејзините синови се Хосе Мигел, Хосе Армандо и Хосе Данило, но никој не знае кој всушност е нејзиниот вистински син, синот од Карлос Адолфо. Хосе Данило се вљубува во Моника, посвоената ќерка на Карлос Адолфо, па така Фернанда и Карлос Адолфо повторно доаѓаат во контакт. Сфаќаат дека нивната љубов била и се уште е посилна од амбицијата на Фернанда по пари. Карлос Адолфо сака да знае кој од тројцата момчиња е неговиот вистински син, но Фернанда не сака тоа да го признае и си ветува дека таа тајна ќе ја носи до гроб. Доња Ана Марија сака да го открие својот вистнски внук и да му го препише богатството.
Поради таа тајна, Колорина си стекнува непријатели - Иван, кој сака да го има богатството на сем. Алмазан и Мирта, вистинската мајка на двајца од синовите на Колорина.
Улоги: Lucía Méndez, Enrique Álvarez Félix, Julissa, José Alonso, María Sorté, María Rubio, Maria Teresa Rivas, Guillermo Capetillo, Christian Bach