Почна одбројувањето во пресрет на долгоочекуваниот фудбалски спектакл. Подновената национална арена вечер ќе биде центарот на Македонија. Гостува европскиот шампион Шпанија.
На утринскиот тренинг на „Црвено-жолтите“ во Чаир немаше ниту сеќавање на вчерашните случувања, кога Седлоски и Попов ставија малку повеќе акцент на физичкиот дел од подготовките. Сите со мислите се веќе на „Филип Втори“.
„Останаа уште неколку часа, овој тренинг го направивме во релаксирана атмосфера, со разговори и припреми околу тактиката. По она што го читав во медиумите, не треба да не опуштаат психолошки изјавите на Дел Боске, ние знаеме со кого имаме работа“, изјави Мирсад Јоуз, селектор на македонската фудбалска репрезентација.Максимално подготвени и оние кои ги очекуваат најмногу обврски.
„Самите знаете тие играат во најјаките европски екипи. Се работи за еден тандем кој на минатото европско првенство беше најефикасен, но сепак тимската игра е многу важна за Македонија, ако играме тимски можеме да извлечеме поволен резултат“, изјави дефанзивецот во нашата селекција Игор Митрески.
Торес и Виља се кошмар за сите кои ја делат професијата со Николовски, сепак нашиот чувар на мрежата планира да одговори на предизвикот.„Јас се надевам дека ќе немам многу обврски, јас ќе се трудам максимално да си ја одработам работата во рамките на своите можности“ изјави Јане Николовски.
„Секој спортист сака да победи, но знаеме дека Шпанија е квалитетна репрезентација, за нас резултатот е во втор план, дај боже да победиме против Шкотска и Норвешка бидејќи таму бодовите се бројат“ изјави нашиот најдобар напаѓач, Горан Пандев.
Застрашувачката фурија синоќа го имаше единственото запознавање со тревата на градски, и Дел Боске планира во Скопје да го провери курсот кон Јужна Африка.
Мечот за кој сонуваа сите кои некогаш го облекле националниот дрес почнува точно во 21 и 30, оние кои не ја минаа одисејата со влезниците, а се наоѓаат во главниот град, ќе можат да го следат на плоштадот „Македонија“.
Извор:
А1
Сре Aвг 12, 2009 5:09 pm by Chris