Американската поп-ѕвезда Мајкл Џексон почина синоќа во Лос Анџелес на 50-годишна возраст, поради проблеми со срцето.
Џексон
вчера во попладневните часови по локално време бил пренесен во
болницата „Роналд Реган“ во Лос Анџелес во состојба на длабока кома, по
што набрзо лекарите констатирале смрт.
Американските медиуми
јавуваат дека Џексон не давал знаци на живот ниту кога екипата на брза
помош пристигнала во неговиот дом на Бел ер.
Претставникот на
службата за судска медицина на Лос Анџелес, Фред Корал информира дека
Џексон починал во 14:26 часот по локално време (23:26 по средноевропско
време).
Тој нагласи дека причините за смртта на поп-иконата на
80-те ќе бидат познати откако ќе биде извршена обдукција на неговото
тело.
Американските медиуми објавија дека Џексон најверојатно починал од срцев удар.
Братот
на Мајкл, Џереми Џексон соопшти дека лекарите еден час се обидувале да
го спасат неговиот живот, но дека не успеале во тоа.
-
Семејството ги моли медиумите да покажат почит кон нашиот личен живот
во овој тежок период. Алах нека биде засекогаш со тебе Мајкал, изјави
Џереми Џексон на прес-конференција во Лос Анџелес.
Веднаш по
објваувањето на веста за смртта на Џексон во болницата пристигнаа
членовите на неговото семејство, а пред зградата се собраа голем број
обожаватели кои се молеа за негов спас и плачеа.
На 13 јули
Џексон требаше во Лондон да ја почне серијата од 50 концерти, што
требаше да траат до март 2010 година. Билетите за првите десет концерти
беа распродадени во рок од неколку часа по пуштањето во продажба.
-
Сакам да кажам дека ова ќе биде мое последно шоу. Овде во Лондон. Тоа е
тоа. Кога велам тоа е тоа, навистина мислам така, изјави Џексон
најавувајќи го серијалот од 50-те концерти, што требаа да се оддржат во
лондонската арена „О2“ .
Мајкл Џозеф Џексон беше роден на 29
август 1958 година во американската сојузна држава Индијана. Тој
музичката кариера ја започна уште како дете пред повеќе од четири
децении, како дел од бендот „Џексон Фајв“ составен од неговите браќа.
Својата
соло кариера ја започна со албумот „Go To Be There“. Џексон ги испеа
некои од најголемите хитови на светската поп-музика, како „Бил Џин“, а
неговиот албум „Трилер“ од 1982 година беше продаден во 108 милиони
примероци ширум светот, што претставува досега рекордна продажба на
еден носач на звук на сите времиња.
Тој дури два пати се најде
во „Рокенрол холот на славните, добитник е на 13 музички награди
„Греми“, а и повеќекратен рекордер во Гинисовата книга на рекорди. Со
своите песни тој беше на прво место на топ листите најдолго од кој било
друг машки инпретатор во историјата. Албумите на Џексон се продадени во
повеќе од 750 милиони примероци.
Од 2005 тој живееше повлечен
од јавноста, откако судот по двегодишен судски процес го ослободи од
обвинувањата за сексуална злоупотреба на деца.
Во последните
години често пати се пишуваше дека како последица на големиот број
пластични операции, кожата на Џексон буквално се распаѓа, а некои
таблоиди дури тврдеа дека тој има рак на кожата.
Џексон е
познат и по тоа што донираше милиони долари во хуманитарни цели, преку
неговата фондација беа организирани 39 добротворни акиции.
Џексон се женеше два пати и имаше три деца.