Замок од соништата ни пропаѓа пред очи
Куќата е заштитен споменик на културата, но не се наоѓа меѓу приоритетите за заштита
Старата, зелена куќа што се наоѓа на улицата Востаничка 108 во населбата
Црниче, иако е заштитена со закон како споменик на културата од прва категорија,
е запуштена и разурната веќе подолго време. Прозорците се искршени, фасадата
почнува да се распаѓа, а нејзината внатрешност е целосно руинирана. Дворот е
обраснат со џбунови и дрвја што го дополнуваат лошиот впечаток.
- Куќата
дејствува застрашувачки, иако е прекрасна. Изгледа како некој замок. Навистина е
штета да пропаѓа ваква убавина - велат минувачите и луѓето што живеат во
соседството.
Вангел Божиновски, член на Комисијата за заштита на
спомениците од почетокот на 20 век, објаснува дека во 1930 година куќата ја
изградил некој богат белграѓанец што живеел во Скопје. Тој во Црниче изградил
викендичка во која живеел до пред неколку години, кога починал.
- Куќата
е изградена во еклектичен стил и навистина претставува едно извонредно дело. Таа
има видиковец, кружна соба со големи прозорци, зелената и жолтата боја со кои е
бојосана навистина дејствуваат храбро и интересно - вели Божиновски.
По
смртта на сопственикот куќата ја наследиле неговите потомци, кои ја продале на
нејзиниот сегашен сопственик. Моментално никој не живее во
куќата.
Божиновски вели дека Градскиот завод за заштита на спомениците во
2001 година ја прогласил куќата за споменик на културата од прва категорија. Со
тоа куќата е под заштита на Министерството за култура, кое треба да издаде
дозвола за да може сопственикот да ја реновира или да ја доградува.
-
Обврската за чување и за одржување на куќата е на сопственикот. Тој има право да
менува нешто, но постојат правила што треба да ги почитува. Заводот треба да
даде дозвола пред да се преземе што било - објаснува Божиновски.
Анета
Таневска од Градскиот завод за заштита на спомениците вели дека сегашниот
сопственик сакал да ја урне куќата и на истото место да изгради нова. Тој пред
шест месеци го поднел овој предлог до Заводот, но оттаму бил одбиен зашто не
водел сметка за заштита на културниот споменик.
- Сопственикот рече дека
ќе поднесе друг проект за реконструкција на куќата, но таков проект до денес не
стигнал во Заводот - вели Таневска.
Според Божиновски, Заводот ја
заштитува куќата со тоа што ја запишува во регистарот, но неговите надлежности
се движат само до тој степен. Тој вели дека се потребни многу пари за
реконструкција на куќата, но оти во Министерството за култура постои листа на
поважни споменици врз кои треба да се интервенира, а оваа куќа не се наоѓа на
нејзиниот врв.
- Во моментов се приоритетни некои други споменици, како
на пример локалитетот Скупи. Затоа сега не може да се одделат пари за да се
реновира куќата - вели Божиновски.