Она што не успеаа да го сторат Лекс Лутор и серија спектакуларни негативци, на добар пат е да го направат адвокатите за авторски права кои планираат целосно да го распарчат Супермен меѓу неколку сопственици.
Иако Ворнер Брос и ДиСи Комикс ги имаат генерално правата на Супермен, сепак делови од приказната за него остануваат во сопственост на семејството на неговиот оригинален автор Џери Сигл.
Магазинот Варајети пренесува дека семејството Сигл успеало да ги добие правата на првите две недели од дневните изданија на стрипот за Супермен и делови од Action Comics.
Ова значи дека тие ја контролираат приказната за потеклото на Супермен, уништувањето на планетата Криптон, и правата на Џор-Ел, Лора и Кал Ел (роденото име на Супермен). Претходно тие ги добија и правата на неговиот костум, неговото алтер его Кларк Кент, Луис Лејн, Дејли Планет и уште неколку елементи од стрипот.
Од друга страна, ДиСи комикс ги имаат правата на Џими Олсон (младиот фотограф од Дејли Планет и пријател на Луис и Кент), способноста на Супермен да лета, ликот на Лекс Лутор, криптонитот и серија на супер моќи на Супермен.
Ваквата ситуација, во комбинација со претходната пресуда во корист на Ворнер Брос, му остава на филмското студио фора до 2011-та да направи нов филм за Супермен без да биде тужено.
Во 2013-та, семејствата на Сигел и Шустер (ко-авторот на ликот) ги добиваат сите права над Човекот од железо, по што имаат можност на кого сакаат да ги препродаваат .