Италијанскиот фудбалски клуб Лацио прифати понуда од англискиот тим Вест Хем вредна пет милиони евра за нашиот интернационалец Горан Пандев, пренесуваат италијанските медиуми.Цената на Пандев драстично се намалува со истекот на неговиот договор со римскиот клуб, па така претседателот на Лацио, Лотито почна да прифаќа и многу мали понуди.
Неколкупати до сега нашиот најдобар фудбалер од нападот, се обиде да го напушти Лацио, а една од најсериозните понуди беше на Зенит од Санкт Петербург.Доколку се точни информациите од италијанските медиуми 26 годишниот Пандев би можел да дебитира во тимот на Џанфранко Зола наредниот викенд против Блекбурн.
Кариерата Горан ја започна во Беласица, а во 2001 година премина во Интер, но не одигра ниту еден натпревар за екипата од Милано, бидејќи беше веднаш испратен на позајмица. Во 2004 година Пандев потпиша за Лацио и за него постигна 48 голови.