Интернет компанијата „Гугл“ најави дека во 2010 година на пазарот ќе понуди свој оперативен систем „хром“ (Chrome), објави денеска британскиот весник „Фајненшл Тајмс“.„Гугл“ најави дека системот ќе овозможи побрза работа на компјутерите и подобра заштита од вируси отколку оперативниот систем на Мајкрософт.
„Гугл“ соопшти дека ќе излезе во пресрет на желбите на корисниците кои „сакаат нивните компјутери да работат секогаш онолку брзо, како што работеле како кога ги купиле“, кои „не сакаат да поминат часови приспособувајќи ги компјутерите да работат со секој нов хардвер, што ќе го набават“, ниту „постојано да се грижат за ажурирање на софтверот“, пишува „Фајненшл Тајмс“.
„Гугл“ со производство на софтверот влезе во област во која што „Мајкрософт“ има доминација на пазарот.
Досега веќе понуди софтвер за пишување и изработка на табели, кој што се презема од интернет и претставува конкуренција на канцеларискиот пакет „офис“ на „Мајкрософт“, како и оперативниот систем за мобилни телефони „андроид“ и интернет пребарувачот „хром“ (Chrome).
„Гугл“ најави дека системот за компјутери ќе се појави на пазарот во втората половина од 2010 година во компјутерите на „повеќе произведувачи“ и оти ќе биде прилагоден за сите компјутери.