На 82-то издание на филмските Оскари, во трката за најдобар филм ќе учествуваат десет филма, наместо досегашните пет. Со ова, филмската академија се враќа на корените, и го воведува системот кој постоеше пред шест децении.
Последен пат кога повеќе филмови се натпреварувале за Оскарот за најдобар филм на годината било во 1943-та, кога победи култниот филм Casablanca.
„Воведувањето на 10 филмови во категоријата за најдобар филм ќе им овозможи на гласачите да вклучат некои од филмовите кои се појавуваат во другите категории, но испаѓаат од трката за најдобар филм“ - изјави претседателот Сид Ганис на прес конференцијата одржана на Беверли Хилс. „Едвај чекам да видам како ќе изгледа листата од 10 номинирани во фебруари“ - додаде тој.
Номинациите ќе бидат објавени на втори фебруари следната година. И овојпат церемонијата ќе се одржи во Кодак театарот во Холивуд, а ќе биде пренесувана од телевизиската мрежа ABC.