Неколку часови пред смртта на кралот на поп музиката, Мајкл Џексон, си замина и уште една славна личност добропозната за телевизиските фанови.
По долго боледување, на 62-годишна возраст почина оригиналниот Чарлиев Ангел, Фара Фосет. На актерката од 2006-та и беше дијагностициран рак. Фосет почина во здравствениот центар Ст. Џон во Санта Моника, Калифорнија.
Смртта на Фосет ја потврди нејзиниот претставник, Пол Блох, кој соопшти дека до последните моменти, со нејзе биле Рајан О'Нил и пријателката Алана Стујарт.
"Замина. Таа сега и припаѓа на вечноста," изјави
нејзиниот долгогодишен партнер Рајан О'Нил.
Првично Фосет стана позната по нејзиниот брак со актерот Ли Мејџорс. Подоцна, таа стана жената со најдобро продаван постер на сите времиња. Нејзината слика во едно делен црвен костим за капење е продадена во 12 милиони примероци.
Вистинската телевизиска слава Фосет ја достигна со нејзиниот настап во оригиналните Чарлиеви Ангели. Фосет го напушти шоуто по само една година по што и се посвети на филмската кариера.
По дузина филмови во 80-те, таа од средината на 90-те имаше повеќе улоги во најразлични телевизиски серијали.
Фосет е родена во Тексас во 1947-ма, таа се омажи со Мејџорс во 1973-та, и се разведе 9 години подоцна. Пред само 3 дена Лос Анџелес Тајмс објави дека Рајан О'Нил изјавил дека Фосет се согласила да се омажи за него.
Извор:
Он.нет